Раководител на лабораторијата: проф. д-р Марина Нацка
Лабораторијата за бихејвиористички и експериментални економски науки (LaBEES) претставува прв истражувачки капацитет од ваков вид во Западен Балкан, основан со цел систематско проучување на човечкото однесување и донесување на одлуки во економски контексти. Фокусот на лабораторијата е насочен кон земјоделска економија, однесувањето на потрошувачите и дизајнирање на јавни политики засновани на емпириски докази.
LaBEES е опремена со 11 компјутерски станици кои функционираат преку специјализираниот софтвер
zTree, а управувањето со регрутацијата на учесници се врши преку системот
ORSEE. Во наредниот период се предвидува проширување на капацитетите со дополнителна опрема и биометриска технологија за напредни бихејвиористички истражувања.
Преку контролирани лабораториски и теренски експерименти, лабораторијата генерира научни сознанија за процесот на одлучување кај земјоделците, потрошувачите и креаторите на јавни политики. Истражувањата се базираат на напредни алатки како што се
Qualtrics, oTree и
Stata, обезбедувајќи висококвалитетна анализа на податоци.
LaBEES воспостави стратешка соработка со реномирани лаборатории, како што се оние во Атина, Загреб и Тексас A&M Универзитетот, како и со релевантни институции, агробизниси и носители на одлуки во земјата. Лабораторијата претставува академска и иновациска платформа за интердисциплинарни истражувања, обука на студенти и развој на политики засновани на наука и податоци.
Ви благодариме многу и се надеваме на Ваша поддршка преку регистрација и учество во научно-истражувачката работа на ФЗНХ.