На 12 декември 2025 година студентите на Факултетот, во организација на проф. Зоран Поповски, реализираа теренска настава со посета на биогасната централа во с. Сарамзалино и на винаријата Камник.
Наставата се реализираше во рамките на предметот ГМО, а целта беше да се поврзе теоретскиот дел од наставата со можностите за примена на новите сознанија во развојот на овие компании.
Домаќините во биогасната централа ги запознаа студентите со процесот на управување со различен земјоделско-сточарски отпад и со производството на биогас. По посетата на постројките и лабораторијата се разви дискусија за тоа како генетското инженерство може да ги унапреди овие биотехнолошки процеси.
Теренската настава продолжи во винаријата Камник, каде што домаќините ги воведоа студентите во биотехнолошките процеси при производството на вино. И тука, по посетата на погоните и лабораторијата, се разговараше за можната примена на генетските модификации во винарската индустрија.
Особено треба да се истакне големиот интерес на студентите во текот на посетите и нивното активно учество во дискусиите.






