За факултетот
Историјат
Факултетот за земјоделски науки и храна е основан во есента 1947 година, под името Земјоделски факултет, како посебен отсек на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје, само една година подоцна од основањето на Филозофскиот факултет. Со основањето на Земјоделско-шумарскиот факултет, Медицинскиот факултет и веќе основаниот Филозофски факултет, се обезбедија услови за формирање на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.
Развојот на Факултетот
Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје, по основањето и започнувањето со работа, перманентно се организира, доизградува и усовршува како комплетна наставно-научна установа. Во досегашниот период на работа и развој, минува низ повеќе организациски и развојни фази. Промените и трансформациите, развитокот и работата се должат на потребите за усогласување на наставно-образовниот процес, научно-истражувачката работа, примената на сопствените и странските научни сознанија во земјоделството, што е поврзано со политичките и општествено-економските односи во општественото уредување.
Во 1975 година, Земјоделско-шумарскиот факултет се дели на два самостојни факултета: Земјоделски и Шумарски, како одделни работни организации. Ова осамостојување доаѓа како резултат на достигнатиот висок степен на развој во сите дејности на двата дотогашни оддела, земјоделскиот и шумарскиот.
Од 1977 до 1989 година, Земјоделскиот факултет функционира како Работна организација во која беа интегрирани Земјоделскиот факултет, Земјоделскиот институт, Институтот за сточарство и ветеринарство, Заводот за овоштарство, Заводот за лозарство и Факултетското земјоделско стопанство Трубарево. Во рамките на оваа Работна организација, функционираа осум правни лица:
- Институт за поледелство и градинарство
- Институт за овоштарство
- Институт за лозарство и винарство
- Институт за сточарство
- Институт за проучување на почвите
- Институт за заштита на растенијата
- Институт за економика и организација во земјоделството и Факултетско земјоделско стопанство
Како резултат на сложената организациска поставеност, од почетокот на 1990 година, Земјоделскиот факултет работи како самостојна работна организација со три основни дејности: образовна, научно-истражувачка и апликативна.
Првата диплома на додипломските студии е издадена на 30. XII 1949 година, првата магистерска тема е одбранета на 24. XI 1971 година, а првата докторска дисертација е одбранета на 28. V 1959 година.
Од 1990 година, покрај постојните три насоки: поледелска (со градинарско-цвеќарска група), лозаро-овоштарска и сточарска, отворена е и општа насока.
Во периодот од 1992 до 1994 година, во рамките на Земјоделскиот факултет, како посебна насока, функционираше и ветеринарната насока, која натаму се оформи во самостоен Ветеринарен факултет.
Во 1997 година на Факултетот се оформи нова насока – Земјоделска техника. Со цел да се следат потребите на пазарот од стручна работна сила и интересите на студентите, од 2001 година Факултетот ја организира наставата на 10 насоки:
- Поледелска насока
- Градинарско-цвеќарска насока
- Лозаро-овоштарска насока
- Сточарска насока
- Насока за земјоделска техника
- Агроекономска насока
- Насока за заштита на растенијата
- Насока за искористување, уредување и заштита на почвите и водите
- Насока за еко-земјоделство
- Насока за преработка на земјоделски производи
Со овие измени се обезбеди потребен број нови стручни профили неопходни за ангажирање во малите и големите производни капацитети.
Во истата 2001 година, Факултетот се вброи меѓу првите 4 факултети при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, кои го воведоа кредит трансфер системот во наставниот процес.
Во февруари 2004 година, Земјоделскиот факултет го промени името во Факултет за земјоделски науки и храна.
Од 2005 година Факултетот за земјоделски науки и храна организира дисперзирана настава на градинарско-цвеќарската насока во Струмица.
Денес на Факултетот за земјоделски науки и храна се организираат редовни додипломски, последипломски и докторски студии. До 25. X 2006 година, на Факултетот дипломирале:
- 6237 студенти на додипломски студии
- 111 студенти на специјалистички студии
- 317 студенти на магистерски студии
- 191 студент на докторски студии

Пресвртници
| Година | Настан |
|---|---|
| 1947 | Основање. Факултетот е основан во есента 1947 година како Земјоделски факултет, отсек на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје. Заедно со Медицинскиот и Филозофскиот факултет е основач на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. |
| 1949 | Прва диплома. Првата диплома на додипломските студии е издадена на 30. XII 1949 година. |
| 1951 | Прва зграда. Прва зграда на Земјоделско-Шумарскиот факултет |
| 1959 | Прв доктор на науки. Првата докторска дисертација е одбранета на 28. V 1959 година. |
| 1971 | Прв магистер. Првата магистерска тема е одбранета на 24. XI 1971 година. |
| 1975 | Два самостојни факултети. Земјоделско-шумарскиот факултет се дели на два самостојни факултета: Земјоделски и Шумарски. |
| 1977 | Работна организација (1977–1989). Земјоделскиот факултет функционира како Работна организација со Земјоделскиот институт, Институтот за сточарство и ветеринарство, Заводот за овоштарство, Заводот за лозарство и Факултетското земјоделско стопанство Трубарево — осум правни лица. |
| 1990 | Самостојна работна организација. Од почетокот на 1990 година Факултетот работи самостојно со три основни дејности: образовна, научно-истражувачка и апликативна; покрај трите постојни насоки се отвора и општа насока. |
| 1992 | Ветеринарна насока (1992–1994). Ветеринарната насока функционира во рамките на Факултетот и натаму се оформува во самостоен Ветеринарен факултет. |
| 1997 | Земјоделска техника. Се оформува нова насока – Земјоделска техника. |
| 2001 | Десет насоки и ЕКТС. Наставата се организира на 10 насоки; Факултетот е меѓу првите 4 факултети на УКИМ што го воведоа кредит трансфер системот. |
| 2004 | Ново име. Во февруари 2004 година Земјоделскиот факултет го промени името во Факултет за земјоделски науки и храна. |
| 2005 | Настава во Струмица. Дисперзирана настава на градинарско-цвеќарската насока во Струмица. |
| 2017 | 70 години. Јубилејна публикација „70 Година Факултет за земјоделски науки и храна-Скопје 1947-2017“. |
| 2022 | 75 години. Публикација „75 Години ФЗНХ“. |
| 2024 | Дигитално земјоделство. Од академската 2024/2025 година – нова интердисциплинарна студиска програма Дигитално земјоделство, поддржана од ФИНКИ, ФЕИТ, Машинскиот факултет и ПМФ. |
| 2027 | 80 години. Јубилеј – осум децении од основањето на ФЗНХ (1947–2027). |

Ажурирано на
Контакт
Контакт
Адресата, телефоните и е-адресите на Факултетот се на страницата за контакт.


