ФЗНХ
ФЗНХ

Наука и апликација

Парк на пчелата

Дрвен павилјон со едукативни табли во Паркот на пчелата

Во кругот на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје, во рамките на Лабораторијата за биологија и селекција на медоносни пчели, се наоѓа Паркот на пчелата.

Зелена училница за сите

Овој посебно уреден простор со површина од 600 м² е замислен како интерактивна зелена (еко) училница и истражувачки центар отворен за сите категории граѓани – од студентите, учениците и децата од градинките, па сѐ до пчеларите и пчеларските здруженија. Основната цел на Паркот е подигнување на свеста за исклучителното значење на пчелите и опрашувачите, како и поврзување на научноистражувачката работа со практичното искуство.

Медоносни растенија и едукативни табли

Паркот се одликува со богата содржина на медоносни растенија, меѓу кои доминираат автохтони растителни видови што обезбедуваат клучни ресурси, како нектар и полен, и служат како поддршка за опрашувачите од опкружувањето. Во рамките на содржините, поставени се информативно-едукативни табли кои нудат „поглед“ во фасцинантниот свет на пчелите. Посетителите можат да се запознаат со диверзитетот на пчелите, карактеристиките на македонската медоносна пчела (Apis mellifera macedonica), нејзината анатомија и физиологија, најчестите болести, паразити и предатори, процесот на опрашување, како и со вредните пчеларски производи и придобивките од апитерапијата и апитуризмот.

Табла со натписот Парк на пчелата на влезот во паркот
Таблата на влезот во Паркот на пчелата.Фото: ФЗНХ

Пчелни живеалишта

Посебно место во Паркот заземаат разновидните пчелни живеалишта и нагледни средства, како што се примитивните кошници, т.н. трмки, различни типови современи пчелни живеалишта, хотел за опрашувачи и песочно живеалиште за солитарни инсекти – сандариум. Дополнително, изложени се и примероци од пчеларска опрема и алати, со што посетителите добиваат целосна слика за развојот на пчеларството низ времето и во праксата.

Студентите во Паркот

Студентите на факултетот се активно вклучени во секојдневната грижа, одржување и збогатување на содржините во паркот, што претставува непроценлив дел од нивниот практичен едукативен процес. Преку спојот на природата, науката и ангажманот на младите, Паркот на пчелата претставува вистинско катче каде што секој посетител може да научи нешто ново, да ја разбере нераскинливата врска меѓу природата и човекот и да даде свој придонес кон зачувувањето на опрашувачите.

Посета

Паркот е постојано отворен за посетители, а доколку планирате организирана тура со стручно лице, слободно обратете се до Лабораторијата за биологија и селекција на медоносни пчели.

Лица

Ажурирано на

Лаборатории

Лабораториите на Факултетот

Акредитирани и научноистражувачки лаборатории, со анализите што ги вршат.

Приспособи приказ

Изберете како ви е полесно да читате. Поставките се чуваат само на овој уред.

Тема
Големина на текстот
Контраст

Потемни линии и текст, без проѕирни површини.

Читање

Повеќе простор меѓу буквите, зборовите и редовите; без курзив.

Паузирај анимации

Ги запира анимациите и видеото.

Фокус-режим

Без видео, шари и украсни фотографии. Останува само содржината.

Штедлив режим

Без видео и карта; фотографиите се заменуваат со опис.