Л-04АкредитиранаАнализи за трети лица
Лабораторија за анализа на почви и ѓубрива
Почва и исхрана на растенијата
Лабораторија
Лабораторијата за води, наводнување и фертигација претставува современа научно-истражувачка, наставна и стручно-апликативна единица во рамките на Факултетот за земјоделски науки и храна, при Катедрата за води и заштита од ерозија во рамки на Институтот за животна средина. Лабораторијата е насочена кон развој, примена и трансфер на современи знаења и технологии за одржливо управување со водните ресурси во земјоделството, со посебен акцент на наводнувањето, фертигацијата, мониторингот на водата и почвата, како и адаптацијата на земјоделското производство кон климатските промени.
Активностите на лабораторијата опфаќаат наставно-образовна, научно-истражувачка и стручно-консултантска работа во областа на наводнување на земјоделските култури, управувањето со водните ресурси, односите почва-вода-растение-атмосфера, фертигацијата, хемигацијата, ефикасното користење на водата и хранливите материи, како и проектирањето, експлоатацијата и управувањето со хидромелиоративни системи. Истражувањата се насочени кон развој на иновативни и климатски паметни практики за оптимизирање на употребата на водата, зголемување на продуктивноста и намалување на негативните влијанија врз животната средина.
Лабораторијата располага со долгогодишна експертиза во проучувањето на водно-физичките својства на почвата, вклучувајќи определување на полскиот воден капацитет, точката на венеење, критичната влажност, привидна и фактичка густина, порозноста, инфилтрацијата, хидрауличката спроводливост и кривите на водозадржување (ретенција на влага во почвата). Дополнително, се спроведуваат истражувања за определување на потребите од вода кај земјоделските култури, евапотранспирацијата, режимите на наводнување и фертигација, оптимизацијата на користење на водата во земјоделството и влијанието на водниот стрес врз растот, развојот и приносот на културите.
Во рамките на лабораторијата се реализираат теренски и лабораториски истражувања за споредба и евалуација на различни техники и технологии за наводнување, вклучувајќи површинско, дождење, микродождење и наводнување „капка по капка“, како и различни системи за фертигација и прецизно управување со водата. Посебно внимание се посветува на развојот и примената на системи базирани на мониторинг на почвената влага, агрометеоролошки параметри и сензорски технологии за поддршка на донесувањето одлуки во управувањето со наводнувањето.
Лабораторијата располага со свој пластеник и демонстративни површини, како и современа истражувачка опрема за мерење и следење на почвената влажност, тензија на водата во почвата, инфилтрација, водопропустливост и хидрауличка спроводливост, како и со опрема за анализа на води и раствори за фертиригација. Во неа се применуваат современи инструменти и методи за процена на водниот статус на растенијата, ефикасноста на користењето на водата и хранливите материи при различни техники на наводнување, како и за следење на влијанието на земјоделските практики врз животната средина.
Во последните години значаен дел од активностите е насочен кон интеграција на дигитални технологии во управувањето со водните ресурси, вклучувајќи употреба на далечинска детекција, беспилотни летала, автоматски метеоролошки станици, почвени сензори и системи за автоматизирано управување со наводнувањето и фертигацијата. Особен фокус е ставен на развојот и имплементацијата на системи за прецизно наводнување и прецизна фертигација, кои овозможуваат оптимизација на водниот и хранливиот режим на културите преку примена на податоци во реално време, модели за поддршка на одлучувањето и паметни технологии за управување со земјоделското производство.
Лабораторијата активно учествува во национални и меѓународни научно-истражувачки проекти поврзани со наводнувањето, фертигацијата, мелиорациите, управувањето со водните ресурси, климатските промени, земјоделската продуктивност и заштитата на животната средина. Истовремено, таа обезбедува експертски услуги, изработка на студии, елаборати, техничка документација, консултации и обуки за земјоделски производители, компании, институции и организации од јавниот и приватниот сектор.
Л-04АкредитиранаАнализи за трети лица
Почва и исхрана на растенијата
Анализи за трети лица
Почва и исхрана на растенијата
Економија и дигитално земјоделство, Почва и исхрана на растенијата