ФЗНХ
ФЗНХ

Лабораторија

Лабораторија за дигитално земјоделство

Лабораторијата за дигитално земјоделство е современа научно-истражувачка и наставна единица посветена на развојот и примената на иновативни технологии за унапредување на паметното, прецизното и одржливото земјоделство. Нејзините активности се насочени кон интеграција на дигитални алатки и решенија базирани на податоци за поддршка на управувањето со природните ресурси, зголемување на продуктивноста и јакнење на отпорноста на земјоделското производство кон климатските промени.

Институт
Институт за животна средина
Област
Економија и дигитално земјоделство, Почва и исхрана на растенијата

Лабораторијата спроведува образовни, научноистражувачки и апликативни активности во областа на прецизното земјоделство, управувањето со наводнувањето и фертигацијата, мониторингот на почвата и земјоделските култури, далечинската детекција, Интернетот на нештата (IoT), географските информациски системи (ГИС), автоматизацијата на производствените процеси и системите за поддршка при донесување одлуки. Истражувањата се насочени кон развој и тестирање на климатски паметни технологии и дигитални решенија за поефикасно користење на водата и останатите природни ресурси во земјоделското производство.

Инфраструктура

За реализација на своите активности, лабораторијата располага со современа истражувачка и наставна инфраструктура која вклучува 10 компјутерски работни места опремени со специјализирани ГИС и софтверски пакети за анализа и обработка на просторни и агрономски податоци, 3Д принтери за развој и прототипирање на технички решенија, како и интерактивна смарт (board) табла за наставни и презентациски активности. Дополнително, лабораторијата располага со беспилотни летала (дронови) опремени со термални и мултиспектрални камери, како и софтверски решенија за обработка и анализа на податоци од далечинска детекција и прецизно мапирање на земјоделските површини.

Мониторинг и автоматизација

Во рамките на лабораторијата се воспоставени системи за мониторинг и управување со земјоделското производство кои опфаќаат различни типови автоматски метеоролошки станици со различни видови на сензори за различна намена, почвени сензори за следење на влагата, сензори за влажност со дата-логери развиени во рамките на лабораторијата, сензори за следење на pH и електрична спроводливост (EC), CRNS сензори за процена на почвената влага на ниво на големи површини, како и ET (евапотранспирациски) сензори за поддршка на управувањето со наводнувањето. Лабораторијата исто така располага со различни контролери, автоматски водомери, електромагнетни вентили и контролни единици за автоматизирано управување со системите за наводнување и фертигација.

Обновливи извори на енергија

Во областа на обновливите извори на енергија и одржливото користење на водните ресурси, лабораторијата е опремена со соларни панели, инвертери и пумпни системи за црпење и дистрибуција на вода, кои служат како платформа за истражувања и демонстрација на енергетски ефикасни решенија во земјоделството.

Опити и демонстрации

Практичната и демонстративната работа се реализира заедно со Лабораторијата за води, наводнување и фертигација на опитен пластеник, како и преку опитни и демонстративни површини со различни земјоделски култури, на кои се тестираат и валидираат современи технологии за прецизно и климатски паметно земјоделство. Овие капацитети овозможуваат спроведување на научни експерименти, студентска практична настава, демонстрација на иновативни решенија и трансфер на знаења кон земјоделските производители, институциите и други заинтересирани страни.

Преку својата инфраструктура и активности, Лабораторијата за дигитално земјоделство претставува современ центар за истражување, едукација и иновации во областа на дигиталната трансформација на земјоделството и одржливото управување со природните ресурси.

Фотографии

Животна средина

Други лаборатории на институтот

Сите лаборатории

Приспособи приказ

Изберете како ви е полесно да читате. Поставките се чуваат само на овој уред.

Тема
Големина на текстот
Контраст

Потемни линии и текст, без проѕирни површини.

Читање

Повеќе простор меѓу буквите, зборовите и редовите; без курзив.

Паузирај анимации

Ги запира анимациите и видеото.

Фокус-режим

Без видео, шари и украсни фотографии. Останува само содржината.

Штедлив режим

Без видео и карта; фотографиите се заменуваат со опис.